Македонско девојче „растура“ во Шведска – Скандинавците воодушевени од Емма Лазаревска

Женскиот ракомет во Македонија во последната година започна да се враќа во фокусот на јавноста. Кадетките освоија ЕХФ шампионат и се пласираа на ЕП и СП во 2023 година, а сениорската репрезентација одигра две квалитетни средби против Црна Гора во ЕХФ Евро Купот. Сепак ростерот на нашите селекции секогаш е ограничен и секој играч е важен, а млади ракометарки со потекло од Македонија кои настапуваат во странство, секогаш треба да бидат предмет на интерес на стручните штабови и во нивниот фокус.

Една таква ракометарка е 13-годишната Емма Лазаревска, која игра во Шведска и има двојно државјанство. Лазаревска, чие потекло е од Битола и е дел од спортско семејство (нејзиниот татко Тони Лазаревски е фудбалски судија во Шведска) тренира ракомет од 5 години во локалниот клуб Љунгхузен, место оддалечено 25 километри од Трелеборг.

Лазаревска, која настапува на позицијата среден бек, покрај тренинзите во клубот, тренира и во ракометната академија под водство на легендарниот стратег Јон Варгалуи, кој своевремено беше дел од најголемите успеси на машкиот романски ракомет и екс тренер на Стеауа, Луги, Малме…

Низ медиумите во Шведска, името на Лазаревска се споменува како една од најталентираните ракометарки на нејзина возраст, а беше прогласена за најдобра ракометарка, односно МВП на завршниот турнир на Купот за пионерки во Гетеборг. На двата меча од Ф4 турнирот погоди 10 пати, иако главна задача и е да ги разигрува соиграчите. Тамошните стручњаци не ги штедат комплиментите на адреса на Македонката.

Има освоено уште неколку индивидуални трофеи на пријателски турнири низ Скандинавија, а од сезонава веќе е дел од академијата на еден од најдобрите шведски клубови Малме. За разлика од кај нас, во Шведска и во најмладите категории се игра во текот на целата сезона, па Лазаревска покрај тренинзите во текот на неделата, секогаш игра натпревари за викенд.

Ракометната федерација на Македонија во текот на сезоната организираше собири на женските селекции во младинските категории и селективни тренинзи, па можеби на некој следен од нив шанса да добие и македонското девојче што ги воодушевува скандинавците.