Македонија тргна добро, но на одмор има минус седум во Алборг

Репрезентацијата на Македонија без Лазаров и Миркуловски на терен туку на клупа како селектор и тренер денеска има негатива од 10:17 после 30 минути против селекцијта на Данска.

Стартот беше добар и Македонија имаше добар резултат. Откако Данска поведе брзо се стигна до нерешени 3:3, а потоа работите полека почнаа да се менуваат. Данците го презедоа водството, но Македонија беше близу, покуса за гол или два.

Сепак, кога се дојде до 7:6 следуваше период на криза во нападот. Одбраната функционираше добро, но Данците казнуваа преку полуконтри и лесно реализираа. Имаа поддршка од Мелер кој влезе на местото на Ландин и почнаа подобро да функционираат.

Ова се одрази многу на резултатот и во 19. минута беше 12:6. Откако беше постигнат седмиот гол следуваа пет минути без погодок, а тоа резултираше со зголемување на предноста на 15:7 и Данците веќе го имаа решено натпреварот.

Имаше добри моменти во играта на Македонија, но во секој случај ова е сосема поинаква средба на која и домашните се далеку подобро подготвени за играта. Шанси се создаваа, но Мелер беше столбот на одбраната на Данска кој ја создаде разликата, па на полувреме ќе мора да се поделат совети како да се дојде до поголема реализација.

После 30 минути по два гола имаат Кузмановски, Пешевски, Велковски и Костески, додека по еден гол имаат Манасков и Младеновиќ. Во Данска прв стрелец со пет гола е Матијас Гидсел.