Македонија супериорна и против Летонија, со три од три оди во полуфинале!

Машката кадетска репрезентација ја забележа третата победа на ЕХФ шампионатот во Летонија, откако славеше над домаќинот со 33-23. Победникот беше решен уште по првиот дел кога Македонија имаше плус девет, 21-12, па во второто полувреме можеа да се сочуваат дел од силите за најважните битки викендов.

Неизвесно беше само во првите десетина минути. По 4-3 за Македонија, неколку одбрани на Брестовац во серија и неколку промашувања на Летонците, нашите момци постигна четири гола во серија за 8-3.

Бишниекс во 16.минута од пенал намали на 11-8, а во продолжение имаше уште еден македонски бран, па преку Стојановски, Калајџиески и Петковски, Македонија се одлепи на плус осум, 16-8. Грешките на Летонците продолжија, нашиот напад успешно ги казнуваше сите грешки на противникот и успеа да стигне и до највисоки плус десет гола разлика, 20-10. До крајот на полувремето примивме уште два гола за 21-12.

На стартот на вториот дел Летонија врза два гол за 21-14, но набрзина возвратија Димковски и Стојановски за 24-14. До крајот на мечот ништо важно не се промени на теренот, а ние рутински успевавме да ја задржиме предноста.  Високата предност му дозволи на Стојановиќ да ги ротира сите ракометари, но тоа не беше пречка Македонија да слави убедливо на крајот со 33-23.

Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Тодор Узунчев со седум гола, како и Димковски и Петковски со по шест погодоци. Голманот Брестовац забележа 11 одбрани. Ривал на Македонија во полуфиналето ќе биде поразениот од натпреварот меѓу Швајцарија и Луксембург.