Македонија со нов селектор – после 14 години Савевски пак на клупата на дамите

Женската сениорска репрезентација на Македонија ќе добие нов селектор што ќе го наследи Симе Симовски. На клупата на сениорките повторно се враќа стратегот што ги предводеше на СП 2007 година во Франција. Според информациите на 24ракомет УО на РФМ на следната седница треба да го назначи Љубомир Савевски за нов селектор кој треба да „го извлече најдоброто од репрезентацијата“ и да го „скоцка“ тимот што ќе се бори на следното ЕП 2022 година каде еден од домаќините е Македонија.

Савевски после 11 години се враќа на активна работа, а после 14 години одново е селектор на дамите. Важи за добро и пред се темелен и строг стратег кој зад себе имал резултати. Познат е по неговата темелна работа и по дисциплината која ја бара на теренот, но и според својата принципелност во работата. Покрај селекторската функција во женската репрезентација на Македонија во 2007 година претходно беше селектор и на машкиот тим, и за малку не се пласираше на ЕП бидејќи налетавме на Унгарија која во тоа време беше подоброрангирана.

Савевски беше дел од младинската репрезентација на Македонија што настапи на СП 1997 година во Трабзон, кога во тимот играа Ангеловски, Мисовски, Мојсовски, Марковски, Лазаров, Колев… Генерација која потоа продолжи кај сениорите, а некои веќе имаат и тренерска кариера во Македонија и странство.

Љубомир Савевски зад себе има богата кариера како играч и како тренер. Настапуваше а Вардар, Пелистер, Зелб (Германија), Дицебах (Германија), Конверзано (Италија), Белфорт (Франција), Аубервил (Франција) и ПТТ Марсеј (Франција).

Во последниот тим од Франција ја почна и својата тренерска кариера во 1990 година. Потоа работеше како тренер во тимовите на Пелистер (шампионска титула), Вардар (Куп на Македонија), па имаше ново интернационално искуство во Саудиска Арабија во тимот на Ал Хилал. Во2001 година се врати во Македонија и го водеше тимот на Младост од Богданци, а потоа беше и на клупата на Металург.

Во 2007 година стана селектор на женската селекција на Македонија и ја водеше на Мундијалот во Франција, а беше тренер и на Кометал Ѓорче Петров. Последниот тренерски ангажман во имаше во машката сениорска репрезентација во 2010 година и оттогаш беше надвор од ракометните тренерски води.

Сепак, со своето искуство и знаење, начинот на кој ги мотивира ракометарите и ракометарките сигурно ќе има што да покаже и да придонесе за напредокот на женската сениорска селекција.