Македонија на два теста со Норвешка во Скопје

Женската репрезентација на Македонија ќе одигра две пријателски средби со Б селекцијата на Норвешка во Скопје во претстојната ЕХФ недела што е на програмата од 26 септември до 2 октомври.

Додека првиот тим на Норвешка ќе игра во Златната лига со Данска, Холандија и Швајцарија, нивната Б репрезентација ќе биде во македонската метропола.

Норвешка доаѓа во Скопје со 18 ракометарки меѓу кои има и познати имиња како голманката Рике Гранлунд од францускиот Шамбре, бекот Хелен Фауске од Брест Бретањ, како и десното крило од данскиот Виборг, Емили Ховден.

Остатокот од ракометарките се од домашните клубови како Сторхамар, Сола, Хаслум…повеќето од нив се дебитантки и ќе се обидат да се покажат пред стручниот штаб во борба за место во А селекцијата.

Во меѓувреме го очекуваме и списокот на селекторот Љубомир Савевски за оваа ЕХФ недела, кој сигурно нема многу да се разликува од оној што ќе биде за ЕП.