Македонија даде отпор, но Португалија ги освои бодовите

Женската репрезентација на Македонија која на Медитеранските игри во Алжир настапува со состав од кадетско-младински микс, беше поразена од Португалија со 17:19 (11:13), во рамки од последниот натпревар од својата група. Македонија по трите порази, ќе се бори за 7. позиција на Медитеранските игри, а противник ќе биде репрезентацијата на Тунис или Алжир.

Во натпреварот против Португалија, селекторот, Љубомир Савевски одлучи на голот да стартува со голманката од Деспина, Матеа Чурлиновска. Поискусниот состав на Португалија поведе со 3:1 во воведниот дел. По водството на Португалија од 4:2, младата репрезентација на Македонија со два гола во низа, кои беа дело на Седлоска и Арсениевска, го израмни резултатот во 10 минута, 4:4.

Од тој период, па сѐ до 18 минута, избраничките на Савевски одлично им парираа на поискусните ракометарки на Португалија. Разиграна беше Дукоска која со своите погодоци ја одржуваше македонската репрезентација во резултатска игра, додека одбраната функционираше на ниво.

Македонија со вториот гол на Дукоска за првпат поведе со 6:5, откако претходно резултатот беше нерешен, 5:5. Репрезентацијата на Македонија влезе во криза и цели десет минути беше без постигнат гол. Кризниот период на Македонија беше целосно искористен од страна на Португалија, која со серија од 3:0 се одлепи на 12:9 и на полувреме замина со предност од два гола разлика, 13:11.

Португалија за неколку минути игра во второто полувреме стигна до највисокото водство од плус четири гола разлика, 15:11. Нашата репрезентација првиот гол во вториот дел го постигна во 38 минута и следуваше период во кој беа постигнати уште два гола за намалување на резултатската негатива на само еден гол, 15:14.

Двете репрезентации ги зголемија техничките грешки во последниот период од натпреварот, во кој Португалија влезе со предност од два гола, 16:14. Македонија немаше сили повторно да дојде до камбек, попушти во последните десет минути и дозволи Португалија да ја оствари втората победа на Медитеранските игри.