Македонија го поправа впечатокот, води на полувреме против Алжир со осум гола

Репрезентацијата на Македонија на првиот натпревар од Президент Купот на Светското првенство 2023 води на полувреме против селекцијата на Алжир, со резултат 19:11.

Натпреварот меѓу Македонија и Алжир беше отворен со голот на кружниот напаѓач Пешевски за водство на македонската репрезентација од 1:0. Селекцијата од Африка, која на претходните три натпревари имаше загубено дури 38 топки, не се снајде најдобро во воведниот дел, но избраниците на Кире Лазаров во неколку наврати не успеаја да дојдат до два гола разлика, откако имаа водство од 2:1.

Алжир во 5-та минута дојде до израмнување на резултатот, 2:2. Македонија со два гола во низа, односно со погодоците на Манасков и Талески во 8-та минута дојде до ,,плус два” 4:2, додека минута подоцна, членот на Вардар, Давид Савревски со својот дебитански гол на Мундијалот зголеми на 5:2. Ракометарите на Лазаров продолжија со добрата игра во одбраната и по десет минути игра дојдоа до водство од четири гола разлика, 6:2.

Како одминуваше времето Македонија сѐ почесто доаѓаше до погодок, лесно се справуваше со одбраната на Алжир, која дозволуваше премногу простор и напредок во играта на Македонија. Нашата репрезентација успеваше да одржи солидна дистанца од четири до пет гола разлика. Кон средината на првото полувреме, водството на Македонија беше 9:4.

Алжир одвреме-навреме доаѓаше до голот на Македонија, немаше голема поддршка од голманите и за 20 минути игра имаше постигнато само шест, а примено десет гола. Македонија во последните десет минути целосно го надигра Алжир и со брзи полуконтри и контри стигна до 15:8 во 25-та минута. Македонија на пауза замина со високо водство од 19:11.