Македонија го нокаутира Алжир за прва мундијалска радост!

Репрезентацијата на Македонија се израдува на првата победа на Светското првенство 2023, откако во натпревар од Президент Купот славеше убедлива победа над Алжир, со резултат 40:25. Македонија победата ја обезбеди уште во првото полувреме и рутинско го одигра вториот дел, во кој шанса за игра имаа помладите ракометари.

Натпреварот меѓу Македонија и Алжир беше отворен со голот на кружниот напаѓач Пешевски за водство на македонската репрезентација од 1:0. Селекцијата од Африка, која на претходните три натпревари имаше загубено дури 38 топки, не се снајде најдобро во воведниот дел, но избраниците на Кире Лазаров во неколку наврати не успеаја да дојдат до два гола разлика, откако имаа водство од 2:1.

Алжир во 5-та минута дојде до израмнување на резултатот, 2:2. Македонија со два гола во низа, односно со погодоците на Манасков и Талески во 8-та минута дојде до ,,плус два” 4:2, додека минута подоцна, членот на Вардар, Давид Савревски со својот дебитански гол на Мундијалот зголеми на 5:2. Ракометарите на Лазаров продолжија со добрата игра во одбраната и по десет минути игра дојдоа до водство од четири гола разлика, 6:2.

Фото: Kolektiff

Како одминуваше времето Македонија сѐ почесто доаѓаше до погодок, лесно се справуваше со одбраната на Алжир, која дозволуваше премногу простор и напредок во играта на Македонија. Нашата репрезентација успеваше да одржи солидна дистанца од четири до пет гола разлика. Кон средината на првото полувреме, водството на Македонија беше 9:4.

Алжир одвреме-навреме доаѓаше до голот на Македонија, немаше голема поддршка од голманите и за 20 минути игра имаше постигнато само шест, а примено десет гола. Македонија во последните десет минути целосно го надигра Алжир и со брзи полуконтри и контри стигна до 15:8 во 25-та минута. Македонија на пауза замина со високо водство од 19:11.

Фото: Kolektiff

Ниту во вториот дел Алжир не успеа да ја преполови негативата. По само пет минути игра во второто полувреме, македонската репрезентација го зголеми водството на 23:13 и веќе тука беше јасно како ќе се одвиваат работите во преостанатиот дел од натпреварот.

Лазаров во последните дваесетина минути шанса им даде на останатите ракометари од клупата, кои само ја зголемија позитивата и не дозволија ривалот да има било какви шанси за помала негатива. Во 45-та минута водството на Македонија беше 27:16, а пет минути подоцна, односно во 50-та минута изнесуваше 34:19 и до крајот само ги броевме головите, најчесто во мрежата на Алжир.

Најефикасни во Македонија беа Дејан Манасков и Жарко Пешевски со по седум погодоци, по четири запишаа Игор Ѓорѓиев, Давид Савревски, Марко Стојковиќ и Ненад Костески, три додаде Филип Талески, Петар Атанасијевиќ два гола, додека по еден постигнаа Филип Кузмановски, Мијајло Младеновиќ, Иван Џонов, Мартин Серафимов и голманот Никола Митревски.

Следен ривал на Македонија во Президент Купот ќе биде селекцијата на Тунис, која денес силите ќе ги одмери со Мароко. Натпреварот меѓу Македонија и Тунис е закажан за 21 јануари, со почеток од 18:00 часот.