Магдебург ја продолжи соработката со Петерсон и Вебер

Екипата на Магдебург за следната натпреварувачка сезона задржа два клучни играчи, кои се креатори на играта во тимот.

Станува збор за репрезентативецот на Шведска, десното крило Даниел Петерсон, кој во Магдебург настапува од 2016 година и искусниот германски репрезентативец Филип Вебер.

Петерсон со раководството на бундеслигашот се договори да ја продолжи соработката на уште три сезони и во Бундес лигата ќе игра до јуни, 2026 година.

Швеѓанецот за тимот на Магдебург до овој момент има одиграно вкупно 217 натпревари во Бундес лигата и Купот на Германија и постигнато 429 погодоци.

Левиот бек Филип Вебер одлучи да остане во Магдебург до 2028 година. Искусниот ракометар во сезона 2016/17 кога го носеше дресот на Вецлар беше најдобар стрелец во најквалитетната лига на светот.

Вебер минутажата на левата бековска позиција во Магдебург ја дели со Михаел Дамгард и Пјотр Чрапковски.