ЛШ ќе им го плаќа на клубовите секое гостувањето и секој освоен бод, може да се освои и од милион евра

Европската ракометна федерација откако потпиша нов спонзорски договор кој е вреден 500 милиони евра реши дел од парите да ги пренасочи и во Лигата на шампионите. Дел од тие пари ќе се додели и на националните федерации и на женската ЛШ. Но, сепак најголемо медиумско внимание, па и на спонзорите привлекува машката лига на шампионите.

Сакајќи да им помогне повеќе на клубовите, од следната сезона парите ќе се делат на сите учесници. Ќе им и бонуси, со цел да се стимулираат екипите да играат и да освојуваат бодови, да победуваат. Неодамна на клубовите им било презентирано како се планира да се подели дел од тој колач, а она што им било кажано е само дел од планираното  делење на парите. Следните месеци тоа треба да биде потврдено и да бидат објавени сите детали.

Од следната сезона во Лигата на шампионите ќе играат само 16 екипи. Тие ќе бидат поделени во две групи, а за секое гостување во групната фаза тимовите ќе добиваат по 30.000 евра што значи дека секоја екипа ќе заработи 210.000 евра за натпреварите од овој дел од Лигата на шампионите. Истото ќе важи и потоа за средбите од елиминациите.

Секој освоен поен ќе донесе по 5.000 евра, па затоа ќе нема можност за тактизирање туку ќе се оди на максимум на секој натпревар за да се освојат што е можно повеќе бодови. Оваа сума се однесува за натпреварите од групната фаза, додека во осминафиналето и четврт-финалето освоен бод ќе значи 7.000 евра, додека на Ф4 турнирот ќе носи 10.000 евра.

Според ова доколку некој тим успее да дојде до титулата со максимален број на победи ќе успее да заработи 506.000 евра. Кога на тоа ќе се додадат и 500.000 евра за титулата тогаш станува јасно дека освојувачот на Лигата на шампионите од следната сезона ќе може да зработи и повеќе од еден милион евра како награда од ЕХФ.

Доколку имаше вакви награди во сезоните кога Вардар ја освојуваше титулата тогаш покрај наградата за титулата од 500.000 евра ќе можеше да заработи и дополнителни сума. Во 2017 година тоа ќе беа уште 374.000 евра (не играше осминафинале), а во 2019 година тоа ќе беа уште 387.000 евра.

Во споредба со фудбалот тоа се смешни суми, но дефинитивно можат да дојдат добро со оглед на тоа што буџетите на ракометните клубови се далеку помали.