Лудо полуфинале во Келн – Два големи пресврти, дополнителни десет минути и финале за Кил

Во натпревар кој траеше 70 минути ракометарите на Кил си обезбедија пласман во финалето откако го совладаа Веспрем со 36:35 откако во регуларните 60 минути беше 29:29. Луд дуел во кој имаше неколку пресврти, а на крајот реши еден потег и еден момент во кој „зебрите“ успеаја да бидат поснаодливи.

После израмнетиот почеток во кој двете екипи имаа што да покажат на теренот особено во нападот дојде до израз веројатно поголемата мотивираност кај ракометарите на Кил. Резултатот беше израмнет до 5:5 во 9. минута, а потоа дојдоа до израз пивотите и крилата на составот на Кил.

Набрзина резултатот беше 10:6, а ова беше во 14. минута при што следуваше нешто помирна игра. Од 17. минута дојде до криза во Веспрем, а ракометарите на шампионот на Унгарија не можеа никако до погодок. Примија неколку погодоци, па во 22. минута тимот на Кил имаше 16:10. Следуваа четири минути без погодок, а потоа Зарабец донесе највисоки седум разлика.

Сепак, до крајот на првото полувреме тимот од Унгарија успеа да намали и на одмор да се замине со 18:13 во корист на шампионот на Германија.

Од почетокот на второто полувреме се виде далеку поголема мотивираност кај ракометарите на Веспрем. Тргнаа нa сè или ништо и во таквата игра добија голема помош од голманот Родриго Коралес кој бранеше фантастично. Стана нерешлива загатка за играчите на Кил и тој беше виновникот што почна пресврт на оваа средба и ги предводеше колегите кон успех. Бранеше зицери на Сагосен, Дувњак, Зарабец… а казнуваа речиси сите. Борозан, Маргуч, Манасков го полнеа голот на Ландин, па од 24:21 за Кил стана 24:28.

Големиот пресврт донесе неверојатен резултат на десет минути до крајот, но тајм-аутот на Филип Јиха како да ги свтрте работите во еден поинаков правец. За неполни четири минути Дамке, Дувњак, Пекелер и Сагосен донесоа 28:28 и најавија пеколни пет минути во финишот од средбата. Откако Фати Омар загуби топка Сагосен го врати Кил во нова предност, но до крајот имаше гол и за Веспрем, па после 29:29 средбата отиде во продолженија.

Веспрем ги доби првите пет минути од дополнителните десет. Одигра посмирено и покоцентрирано за да има 34:32 после завршувањето на петте минути. Кил остана и без Винцек кој доби црвен картон, но „зебрите“ надоместија брзо и поведоа со 35:34 на две минути до крајот од продолженијата.

Откако Веспрем израмни, Екберг беше егзекуторот за победа од 36:35. Истиот играч настрада при последниот шут на Ненадиќ бидејќи топката заврши во неговата глава. Тоа беше шут после истекот на времето така што само беше потврдена победата на Кил од 36:35 и пласманот во финалето.

После неколку години Германија конечно има финалист, а во утрешното финале ќе се соочи со Барселона што ќе биде супер дуел.

КИЛ – ВЕСПРЕМ               36:35 прод. (29:29, 18:13)

Сала: Ланксес Арена во Келн. Судии: Андреу Марин и Игнасио Гарсија Серадиља од Шпанија. Делегати: Драган Начевски од Македонија и Виктор Поладенко од Русија.

КИЛ: Ландин (10 одб.), Квенштет (1 одб.), Ериг, Дувњак 4/6, Сагосен 5/14, Рајнкинд 1/4, Зунефелдт, Вајнхолд 3/5, Винцек 2/3, Екберг 7/7, Бенитез, Вагер, Дамке 3/3, Зарабец 3/7, Фојгт, Пекелер 8/9.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 16 мин.

ВЕСПРЕМ: Коралес (17 одб.), Цупара, Манасков 2/4, Фати Омар 5/5, Мораеш 1/1, Тонесен, Нилсон 2/4, Маркусен, Маргуч 7/7, Благотиншек, Шишкарев, Ненадиќ 2/6, Мае 4/5, Македа 1/2, Лекаи 4/5, Борозан 7/10.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 10 мин.