Лисичков даде 12 гола, Партизан се израдува на втора сезонска победа

Тимот на Партизан Гевгелија ја оствари втората победа оваа сезона во Првата лига, откако на домашен терен во салата „26 април“ славеше против Преспа со 30-27.

Предводени од средниот бек Горан Лисичков со 12 гола, избраниците на Зоран Кајтазов, уште на полувремето водеа со шест гола, 17-11.

На стартот на вториот дел домашните останаа без Армен Садиковиќ, кој поради третото исклучување заработи црвен картон, но тоа не беше пречка да ги освојат бодовите.

Упорните ракометари на Преспа успеаја да намалат во неколку наврати на минус три, но немаа сили за комплетен камбек во мечот, а во финишот останаа без Филип Шиклевски, кој исто така доби црвен картон поради три исклучувања, па мораа да се помират со поразот.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Лисичков со 12 и Димитар Минов со шест гола, додека кај Преспа се истакнаа Бојан Поповски со седум и Били Мишевски со шест погодоци.