„Лигата на шампиони не е спринт, туку маратон“

Францускиот дрим-тим ПСЖ минатиот викенд забележа пораз кај унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед и испадна од трката за првата позиција во групата А од Лигата на шампионите.

Сепак избраниците на Раул Гонзалес остануваат во борба за второ место што во осминафиналето носи ривал од типот на Висла Плоцк, Динамо Букурешт, Спортинг Лисабон или Бидасоа Ирун.

Голманот Венсан Жерар вели дека ниту еден тим не може да стигне до титулата во елитното натпреварување без да направи барем еден „кикс“.

„Лигата на шампионите не е спринт, туку маратон. Никој не може да ја освои титулата без да направи една грешка. Но сите ние сме должни да учиме од грешките“, изјави Жерар.

ПСЖ денеска игра против Елверум, а следниот викенд исто така дома против Загреб. Доколку слави на двата натпревари, ќе заврши на второто место во групата зад Барселона.