Лембанов: Пролет ќе биде сериозен ривал за сите

Екипата на Пролет ја освои последното, четврто место на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“, откако во натпреварот за трето место загуби од домаќинот Охрид, со резултат 23:27. Но, и покрај остварениот резултат скопјани се задоволни од формата и има време за подобрување пред почетокот на сезоната,

Тренерот на Пролет, Алексо Лембанов истакна дека двата натпревари на турнирот биле вистинска проверка за формата на секој ракометар, посебно на младите играчи, кои ќе имаат поголема минутажа во новата сезона.

Лембанов истакна дека е посебно задоволен од левиот бек Андреј Стојановски, кој имаше солидни партии на ЕХФ шампионатот за кадети и младинци.

,, На првиот натпревар игравме со 14 играчи на терен, додека на денешниот настапивме со 13. Нормално, сакавме да победиме и дојдовме со таков договор, дека ќе се бориме за пехарот, но главната цел беше воигрување на екипата. За Андреј Стојановски можам да кажам дека го познавам одлично бидејќи уште од неговиот почеток сум негов тренер, можеби во претходната сезона не беше сѐ уште спремен за да игра во прв тим, но дефинитивно со играта на овие подготвителни натпревари се наметнува како сериозна опција на лев бек”, изјави Лембанов за 24Ракомет.

Пролет за новата сезона успеа да го задржи речиси целиот ростер, а се засили и со македонскиот репрезентативец Томислав Јагуриновски. Лембанов е голем оптимист за следната сезона, но според него, сѐ уште е рано да се зборува за било каков пласман на екипата.

,,Задоволен сум од тоа што го имаме на располагање во тимот и можам да кажам дека имаме доволно бекови и по два-три играчи на левата и крилната позиција. Многу сум задоволен бидејќи оние играчи, кои што настапуваат на бековските позиции, се поразновидни во нападите. Мислам дека ќе бидеме сериозен противник за секој во домашниот шампионат. Мора да видиме како ќе се одвива првиот дел од сезоната и како ќе биде нашиот здравствен билтен, но она што е наша цел, секако е пласман во плеј-оф фазата, која според мене, е она што треба да ја претставува Суперлигата, осум до десет силни екипи, каде што секој натпревар ќе биде дерби. Нормално, Вардар и Еурофарм Пелистер се едно скалило погоре од нас. Мене ми е мило што имам шанса да им бидам тренер на овие ракометари кои се однесуваат навистина професионално. Сигурен сум дека за брз период Пролет ќе изгледа подобро”, заврши Лембанов за 24Ракомет.

Пролет во Суперлигата ќе игра во група Б заедно со Еурофарм Пелистер, Голден Арт, Радовиш, Еурофарм Пелистер 2, Скопје, Тиквеш и Јуниор КВ.