Лани се „изгореа“ од Вардар, сега се внимателни

На 28 и 29 декември се игра завршницата од Лигата на шампионите во машка конкуренција, која поради ковид пандемијата не се одигра во месец мај.

Барселона против ПСЖ и Веспрем на мегдан со Кил, ќе ги одмеруваат силите во поинакви услови, без присуство на публиката и најверните фанови. Со виртуелна публика од трибините во Келн, сигурно ракометарите нема да имаат голема поддршка на која се навикнати.

До почетокот има уште неколку денови, а тренерот на шпанскиот гигант Барселона, Чави Пасквал, е претпазлив.

„Ова ќе биде најчуден завршен турнир досега. Обично во овој период има голем број на активности, а сега ќе бидеме изолирани во хотел, секоја екипа посебно. Не знам како тоа ќе влијае врз нас и останатите тимови. Ние ќе одиме да ја освоиме титулата, но не мислам дека сме поголеми фаворити од Веспрем, ПСЖ или Кил. Мечот со ПСЖ е финале за нас, но мораме да бидеме претпазливи, бидејќи знаеме што се случи лани. Искуството да се игра за трето место е многу лошо“, вели Пасквал.

Стручниот штаб на каталонскиот тим се уште не знае дали ќе може да смета на исландскиот репрезентативец Арон Палмарсон во Келн.