Лазаров со Нант се израдуваа на трофеј во Лига Купот

Екипата на Нант каде што настапува Кире Лазаров го освои првиот трофеј сезонава откако во финалето на Лига Купот на Франција беше подобра од екипата на Шамбери со 28:21.

Кире Лазаров беше стрелец на два погодока за неговиот тим, додека најефикасен за Нант во финалето беше Валеро Ривера со шест гола, а Давид Балагер постигна пет. Емил Нилсен беше најзаслужен за победата со 18 интервенции и 52% одбранети удари кон неговиот гол.

Нант добро го отвори дуелот, поведе со 0:2 и 1:4 после десетина минути игра. Емил Нилсен на голот на Нант беше одличен со важни одбрани на почетокот што му овозможи на својот тим предност. Шамбери успеа да се врати и да израмни во 15. минута на 5:5.

До крај на првиот дел Нант имаше контрола на играта и резултатот и после 30 минути игра Лазаров и соиграчите имаа три гола позитива, 13:10. И во вториот дел Нилсен продолжи во ист ритам и бранеше скоро сè. Одбраните, неговите колеги од тимот знаеја како да ги искористат и обезбедија предност од 25:20 на пет минути пред крај на мечот.

Во завршните минути искусните ракометари на Нант без поголеми проблеми го приведоа натпреварот до конечна победа и го освоија на првиот трофеј сезонава.