Лазаров: Полека поставуваме систем, во него секој си го знае своето место

Селекторот на Македонија и во исто време и капитен, Кирил Лазаров и ден после победата го дели истото мислење како и после натпреварот. Презадоволен е од направеното на теренот на овој дуел и од победата така што сега може после еден ваков старт само да продолжи во уште подобар ритам со градењето на она што го почна.

Победата од 33:29 против Данска покажа дека Македонија мора да верува во овие момци и дека оваа репрезентација има иднина.

„Останувам на исто мислење. Задоволен сум и горд на она што го направивме. Можеби за мене беше неочекувано лесно да ја добиеме Данска. Сега имавме видео сесија и анализа на натпреварот. Дури на анализата ми изгледа многу подобро отколку што изгледаше на самиот натпревар. Можат да се увидат некои детали и би искористил можност уште еднаш да им честитам на играчите и на стручниот штаб и на сите кои беа инволвирани во процесот за подготовка против Данска. Сега мораме да посветиме уште повеќе и да се надоградуваме и во следните 7-8 месеци да создадеме квалитетна база во која ќе имаме 20-25 квалитетни ракометари кои би можеле да влезат на терен и во секој момент да не почувствуваме недостаток на квалитет и парирање на големи европски репрезентации. Ќе работиме многу, ќе се посветиме. Имаме идеја. Тука сме 21 играч, ни недостасуваат од оние кои го заслужија повикот сега, Марко Мишевски од Вардар кој беше ковид позитивен, Кукуловски од Еурофарм Пелистер и Маџовски, кој имаше скршен прст. Со оваа база и некој играч кој ќе се појави можеме да работиме квалитетно и да имаме постојано 20 квалитетни репрезентативци во секое време“, изјави Лазаров пред денешниот тренинг, кој ќе биде последен пред заминувањето за Данска.

На ова гостување ќе го нема првиот избор за пивотменската позиција, Стојанче Стоилов, кој поради повреда бил под прашање и за првиот натпревар.

„Со Столе денеска разговаравме. Тој беше неизвесен и вчера, но го познаваме дека е борец и самиот инсистираше. Му понудив поради неговото здравје да не игра вчера,но тој се стави на располагање на Македонија и затоа сум му благодарен. Одлучивме да го ослободиме бидејќи има проблеми со грбот. Се надевам дека брзо ќе заздрави и ќе се стави на располагање на Вардар и тренерот Алушовски, а ние имаме шанса да провериме уште еден пивот на кој сметаме, Михаил Аларов. Тој во овој период покажа квалитет и напредок и сериозно сметаме на него во следниот период“.

Во моментов улогата на играч-селектор му носи работа плус, но смета дека може да се снајде и вака иако уште е соживеан со улогата на играч.

„Идејќи накај сала пред натпреварот со колегите од стручниот штаб разговаравме, дека сум селектор, но го немам тоа чувство и уште се соживувам како играч. Многупати реков дека во репрезентацијата и клубовите каде што сум играл сум бил десна рака на селекторите и на тренерите така што тоа ми е познато и ми одговара оваа улога на селектор и играч. Многу потешко би ми било да сум само селектор и да делувам само однадвор. Вака кога сум и на терен можам и сам да носам одлуки и решенија и директно да влијаам на резултатот и на играта. Ме исцрпува сето ова бидејќи се подготвуваш за тренирање, но и го подготвуваш тренингот. Треба да размислувате за тактиката на тимот, но и за тактикта на противникот. Да се подготвува за 20 играчи и со секој индивидуално да се поразговара бидејќи секој има некои побарувања и сето тоа да се изменаџира. Влегов со голем ентузијазам и сакам да ја работам оваа работа во иднина. Секогаш за она што се сака се наоѓа време и енергија плус“.

Тој верува во момците и вели дека важен е системот и секој да си го добие своето место во него.

„Секогаш велам дека ако некој стигнал до репрезентација има некаков квалитет. За другото се работи каква улога ќе има во тимот. Се работи за систем. Полека, но сигурно поставуваме добар систем. Секој има конкретни работи кои треба да ги извршува. На нив двајцата посебно им дадов конкретни задачи и конкретни улоги и после видео анализаа се виде дека нив им е јасно се и очекувам како ќе поминува време да бидат сè поквалитетни“.

Во шега си упати критики и на своја адреса велејќи дека на грешки на селекторот Данска успеала да намали после големото водство на Македонија.

„Вчера водевме осум гола разлика, но после 2-3 грешки на селекторот односно капитенот, Данска успеа да се приближи на 4-5 гола. Дадовме перфектна партија, па можеше да се случи да добиеме и со десет гола разлика. Ги изненадивме Данците. Одигравме екстра квалитетно како што се договаравме. Секој си ја одработи својата улога. И пред натпреварот видовме дека можеме да парираме на големи репрезентации само ако имаме квалитетна ротација.Вчера изротиравме можеби не 16, но имавме 13 бидејќи не влегоа крилата Костески и Кузманоски, како и Ѓеорѓиев, но тие не влегоа бидејќи нивните колеги максимално добро си ја извршуваа задачата, а и за противник имавме репрезентација од калибарот на Данска. Да беше некоја репрезентација со послаб ранкинг ќе користев 16“.

Тој вели дека во моментов во стручниот штаб нема главен туку сите му се десна рака и дека имаат одлично разбирање и функционираат како тим.

„Вчера функциониравме како тим, имаше многу главни. Дури и за членовите од стручниот штаб за кои немаше место на клупата дадоа придонес. Бевме добро договорени и вкомпонирни. Се договоривме како ќе функционираме и секој имаше свој удел. Уште немам одредено улоги бидејќи за мене сите четворица се како еден, сите ми се десна рака и така ќе биде и во иднина. Презадоволен сум како се воигравме и дури бев на терен. Со очи се разбиравме и јасно знаевме што сакаме да направиме во секој момент од натпреварот во текот на сите 60 минути“, коментираше Лазаров.

Македонија после вчерашната победа ќе има тешка задача во Алборг, но јасно е дека целта е остварена и дека на дуелот в недека ќе се излезе растоварено и без притисок.