Лазаров и Нант останаа без финале – Барселона не дозволи второ изненадување

Ракометарите на Барселона не дозволија второ изненадување на Ф4 турнирот во Келн и дојдоа до победа од 31:26 против Нант со што си обезбедија место во утрешното финале против составот на Алборг. Кирил Лазаров и колегите имаа шанса и добро отворање на вториот дел од средбата, но не успеаја да издржат и да дојдат до пресврт.

Барселона имаше подобро прво полувреме. Тргна порешително во средбата и знаеше како да го исконтролира натпреварот. Исто како и првото полуфинале и овој дуел стартуваше со 3:0. Барселона овие три гола ги искористи за да може да има целосна контрола на средбата и постојано беше во водство.

Нант на Кире Лазаров успеваше да се одржи во ритам и во резултат, но не и да намали повеќе односно да се доближи така што остана постојано на заостанување од два гола. Тоа влијаеше за на одмор да се замине со идентичен резултат како и првото полуфинале.

На овој дуел Барселона имаше 15:13 исто како и ПСЖ на првиот дуел. Дури и второто полувреме во еден дел имаше тек кој наликуваше на оној во првиот дуел. Нант тргна во ритамо со кој Алборг успеа да го добие тимот на ПСЖ. Сепак, стигна до 17:17 во 38. минута, но потоа девет минути немаше погодок.

Нант не успеа да се одржи во ритамот и тука почна да ја губи средбата. Барселона ја надмина кризата и со три гола по ред се избори за предност од 20:17. Ова беше ситуација во која Нант веќе немаше што да чува или да се размислува. Ентрериос реши да игра без голман и како да си потпиша во истиот момент „смртна пресуда“.

Обидот да се одигра „7 на 6“ беше фатален, па набрзина резултатот беше 25:20. Тоа се случи во 52. минута и веќе немаше дилеми околу вториот финалист. До крајот Барса искусно ја зачува предноста за триумф од 31:26 и ново финале во кое утре против Алборг ќе влезе со улогата на голем фаворит.

Мем и Гомез Абељо беа најефикасни во победничкиот состав со по пет гола, додека Ривера со шест беше прв стрелец во Нант. Лазаров оваа средба ја заврши со два погодока.