Кукуловски заминува од Битола – ќе игра во Чешка

Довчерашниот ракометар на Еурофарм Пелистер 2, Дејан Кукуловски реши да го напушти битолскиот тим и во остатокот од сезоната ќе настапува во шампионатот на Чешка, поточно во екипата на Брно, која ќе се бори за пласман во плеј-оф фазата.

Кукуловски иако имаше договор со Еурофарм Пелистер до јуни, 2023 година, сепак, двете страни се договорија да ја завршат ракометната приказна стара две и пол години.

24-годишниот Кукуловски во Битола пристигна во јуни 2020 година и настапуваше за двата тимови на ,,фармацевтите”. Оваа полусезона ја мина во дресот на Еурофарм Пелистер 2 и ја оствари целта со пласманот во плеј-оф фазата.

Левиот бек настапуваше и за екипите на Вардар и Вардар Јуниор. Во актуелниот шампион на Македонија ги мина сите младински категории, а својата кариера ја стартуваше во школата на Ресен.

Во Чешка настапува и повремениот репрезентативец на Македонија, Никола Костески. Стружанецот во оваа сезона го носи дресот на Плезен.