Кузманоски: Целта на Скопје е опстанок – ако ни се пружи шанса за плеј-оф, ќе ја искористиме

Tимот на Скопје, кој во новата сезона ќе биде предводен од новиот тренер, Горан Кузманоски, денес означи старт на подготовките за новата натпреварувачка сезона.

Кузманоски се надева дека ќе има успешна сезона со неговите избраници, но главната цел на екипата е обезбедување на опстанок во Суперлигата.

„Амбициите на клубот за новата сезона се опстанок, бидејќи имаме млада екипа, надополнета со тројца искусни играчи, од кои двајца се интернационалци и кружниот напаѓач, Игор Трајковски, кој е исто така искусен. Можам да кажам дека 80% од играчите кои настапуваа во екипата во претходната сезона, останаа и во новата, за сега сме 19 играчи во тимот и мислам дека оваа бројка ќе биде конечна“, изјави Кузманоски.

Скопје во новата сезона ќе игра во групата Б. Ривали на Скопје ќе бидат екипите на Еурофарм Пелистер, Тиквеш, Пролет, Еурофарм Пелистер 2, Голден Арт, Радовиш и Јуниор КВ.

„Имаме тешка група, сите екипи сме изедначени, со исклучок на првиот тим на Еурофарм Пелистер, останатите екипи подеднакво имаме шанси за пласман во плеј-оф, но нема да си наметнуваме притисок дека треба да влеземе во плеј-офот, ќе чекаме трпеливо, ќе работи напорно, чекор по чекор и секако, ако ни се пружи шанса, секако дека ќе ја искористиме”, рече Кузманоски.

Скопје во подготвителната фаза ќе учествува на турнир во Темишвар, Романија и на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп. Екипата ќе одигра и два пријателски натпревари против Одорхеи во Романија.

„Прифатив да бидам тренер на Скопје, бидејќи ми понудија одлични услови за работа и проектот, кој го има управата на Скопје и кој е на долгорочен план, некако ме убедија да потпишам на две години. Се надевам дека ќе имаме успешна сезона. Овие две недели ќе бидат искористени за воигрување на екипата, запознавање.. Планирано е да изиграме еден пријателски натпревар пред да заминеме на турнирот во Темишвар. Турнирот во Романија ќе биде едно добро искуство за нашите ракометари. По враќањето од Романија ќе учествуваме на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп. После завршувањето на турнирите, ќе имаме јасна слика за играчкиот кадар. Немаме многу време за подготовки, почнавме порано колку што можеме и мал проблем е тоа што македонското првенство има скоро три месеци пауза – декември, јануари и февруари“, заврши Кузманоски.

Кузманоски прозиваше, Скопје тргна со нови сили во нови победи (ФОТО)