Кристопанс и Летонија немоќни, Белорусија веќе слави пласман на ЕП

Репрезентацијата на Белорусија оствари убедлива победа на гостувањето во Летонија со 27:39 во рамки на квалификациската група 6 и веќе може да го слави пласманот на Европското првенство со оглед на трите победи досега.

Летонија добро парираше до средината на првото полувреме, но Белорусија постојано беше во водство од еден или два гола. За првпат гостите во 22. минута поведоа со четири гола кога беше 10:14.

До крајот на првиот дел Белорусија имаше и шест предност, а на одмор замина со 15:20. Ефикасната игра продолжи и во вторите 30 минути, а разликата постојано се зголемуваше. Белорусите немаа многу проблеми да го приведат натпреварот до крај за убедлив триумф.

Убедливо најефикасен на мечот беше Никита Ваилупов со 14 гола, а Кулеш со шест гола беше втор стрелец во екипата на Белорусија. Во составот на Летонија, Микелсонс со седум и Кристопанс со шест беа најпрецизни.