Кристопанс: Вардар ти благодарам за сè – но мора од нешто да се живее!

Европскиот шампион Вардар од денеска остана без услугите на десниот бек Даинис Кристопанс, иако Летонецот требаше да биде дел од “црвено-црниот” тим до крајот на сезоната.

Tој до јуни ќе биде дел од бундеслигашот Фуксе Берлин, а од лето ќе се пресели во францускиот ПСЖ со кој има договор на три години. Кристопанс се огласи по потписот за Фуксе.

„Сакам да му се заблагодарам на Вардар и на сите луѓе во овој клуб за спектакуларното време што го минавме заедно и за многуте освоени титули. Не може секој да се пофали со трофеј од Лигата на шампионите, но едноставно мора од нешто да се живее. Верувам дека во Фуксе Берлин, чиј дрес со гордост ќе го носам, ќе продолжам да се развивам како ракометар“, изјави Летонецот.

Вардар без Кристопанс и Атман ќе го дочека украинскиот првак Мотор Запорожје во еден од клучните натпревари во продолжението од сезоната во Лигата на шампионите.