Краj на една богата кариера: Леjно заминува во пензија

Поранешната голманка на Вардар, Амандин Лејно на крајот од сезоната ќе стави крај на својата богата ракометна кариера. Французинката, која моментално е членка на Ѓер, го известила раководството на клубот дека на крајот од сезоната се повлекува од активно играње.

Лејно по завршувањето на Олимписките игри во Токио донесе одлука да се повлече од националниот состав на Франција. Искусната голманка во Ѓер пристигна во текот на 2018 година од редовите на Вардар.

Со поранешниот македонски шампион немаше среќа да стигне до златниот медал во Лигата на шампионите. Тоа го оствари со Ѓер во сезона 2018/19. Во оваа сезона повеќе време работеше како тренер на голманите во унгарскиот клуб отколку што добиваше минутажа меѓу стативите.

„Ова беше најтешката одлука во мојот живот и можам да кажам дека летово ќе ја завршам ракометната кариера. Чувствувам дека е време за тоа сега. Имам среќа што освоив златен олимписки медал со француската репрезентација во 2021 година и така успеав да ја завршам мојата улога во националниот тим. Во Ѓер, најдобриот клупски тим во светот, победив и постигнав се што сакав. Сè уште сум полна со енергија и мотивација, мојата цел е да му помогнам на тимот да ги постигне нашите заеднички цели во мојата последна сезона“, изјави Лејно.

Најголем дел од својата кариера го мина во француски Мец. Една сезона беше дел од Валчеа, додека во Вардар одигра пет сезони. Во последните четири сезони е дел од унгарски Ѓер.