Кралицата на стрелците оди во шампионот: Емилијана Ризоска потпиша за Ѓорче Петров!

Македонскиот шампион во женска конкуренција Ѓорче Петров за новата натпреварувачка сезона, 2022/23, го донесе првото засилување во своите редови.

Станува збор за репрезентативката на Македонија, Емилијана Ризоска, која на неодамна завршеното Светско кадетско првенство, на кое нашата држава беше домаќин, се покажа во одлично светло и ја предводеше македонската репрезентација до пласман во осминафиналето на кадетскиот Мундијал.

Битолчанката својата кариера ја започна во Феникс и екипата на Ѓорче Петров ќе биде вториот клуб во нејзината кариера. 17-годишната ракометарка има забележано настапи и за сениорската репрезентација на Македонија, па така тимот од Ѓорче Петров доби вистинско засилување за следната сезона, во која ќе ја брани освоената титула во домашниот шампионат и ќе се обиде да го освои Куп трофејот на Македонија.

Ризоска минатата сезона беше лидер на стрелците во Женската лига, постигна вкупно 255 погодоци, а исто така, беше и најдобар стрелец во македонската репрезентација на СП за кадетки со 38 погодоци. Таа покажа дека е ол-раунд играч и дека може да одговори на задачите на сите позиции, иако првенствено беше користена како лево крило на СП.

Ѓорче Петров пред извесен период ја продолжи соработката со Милица Николиќ и пред стартот на новата сезона се очекуваат да пристигнат уште неколку засилувања. Ракометарките на Ѓорче Петров освен на домашна сцена ќе учествуваат и во Европа, поточно во Европскиот Куп каде за противник го имаат Ка Пор од Исланд.