Коњалти ја продолжува трката за шампионската титула

Екипата на Коњалти ја продолжува трката за титулата во шампионатот на Турција и со новите освоени бода ги зголеми шансите за посакуваната цел.

Коњалти во натпревар од 16. коло од тамошниот шампионат славеше убедлива победа против Гореле со девет гола разлика, 39:30 (19:11).

Во победничката екипа настапија двете интернационалки од Македонија, Ивана Гакидова и Моника Јанеска.

Тренерот на Коњалти шанса на овој дуел им даде на ракометарките со помала минутажа.

Гакидова дуелот го заврши со два постигнати погодоци, додека Јанеска еднаш се запиша во листата на стрелци.

Коњалти моментално се наоѓа на 2. позиција на табелата, има 27 бода, актуелниот лидер Кастамону бод повеќе, односно 28, а третопласираниот Измир на свое конто има 24 бода.