Кој ќе биде најдобриот стрелец во Лигата на шампионите? Мем, Ненадиќ, Маргуч…

Овој викенд ќе се одигра Ф4 турнирот во Лигата на шампионите во машка конкуренција. Во борба за трофејот, освен актуелниот бранител, Барселона, ќе учествуваат и екипите на Кил, Веспрем и Келце.

Само четворица ракометари, Дика Мем, Петар Ненадиќ, Алеиш Гомез и Гашпер Маргуч имаат шанса да ја освојат наградата за најдобар стрелец во овогодинешната сезона.

Ракометарот на Барселона, Дика Мем, моментално, се наоѓа на првата позиција на листата на стрелци со 90 постигнати погодоци, додека членот на Веспрем, Петар Ненадиќ, кој е на четвртото место пред Ф4 турнирот, има запишано 85 погодоци.

Пред Ненадиќ, на второто, односно третото место се наоѓаат Феликс Клар од Алборг и Камил Шипжак од ПСЖ, но двајцата споменати ракометари нема да настапат на Ф4 турнирот во Келн.

За најдобар стрелец во најквалитетното европско натпреварување ќе се борат и Алеиш Гомез од Барселона, како и Гашпер Маргуч од Веспрем, кои ќе треба да се надминат себеси и да одиграат без грешка на завршницата од Лигата на шампионите.

Гомез зад своето име има запишано 82 погодоци. Десното крило на Веспрем, Гашпер Маргуч има постигнато 79 погодоци. Во ланската сезона за најдобар стрелец беше прогласен Валеро Ривера од Нант. Искусниот ракометар сезоната во Лигата на шампионите ја заврши со 95 постигнати погодоци.

10. место со 75 погодоци го делат Тимур Дибиров од Вардар, Ерик Јохансен од Елверум, Микел Хансен од ПСЖ и екс вардарецот, Иван Чупиќ (Загреб).