КОЈ ДА ИСПАДНЕ: Стружани со предлог – три прволигаши наместо вторите тимови на Вардар, Еурофарм и Металург!

Тимот на Струга прекинот во машката Суперлига до дочека од претпоследното место на табелата со седум освоени бодови.

Заедно со составот на Работнички кој има четири, и со Металург 2 кој има седум бодови, ќе водеа битка за избегнување на последното место кое води еден ранг подоле.

Но ситуација со прекинот поради коронавирусот донесе низа неизвесности, па нејасно е дали воопшто ќе се игра ракомет во Македонија оваа сезона.

Стружани, односно тренерот Наум Танески, посакува да има прекин.

„Јас сум повеќе за прекин на шампионатот, со оглед на тоа што ќе нема време да се одиграат сите натпревари. Паузата од неколку месеци без тренинзи носи голем ризик за повреди на ракометарите. Ние би имале и проблеми со играчкиот кадар. Сенад Мекиќ, Славиша Димитријески и Пеце Рајатовски имаат договори до крајот на јуни и не знам дали би играле и понатаму“, вели Танески за 24Ракомет.

Тој вели дека меѓу двата македонски претставници во регионалната СЕХА лига треба да се бара шампионот, иако двата клуба немаат одиграно ниеден натпревар сезонава во домашното првенство.

„Ако се поништи оваа сезона во Суперлигата, тогаш Вардар и Еурофарм Пелистер би можеле да аплицираат за место во Лигата на шампионите“, продолжува Танески.

Тренерот на Струга има интересен предлог до Ракометната федерација на Македонија околу пополнувањето на елитното друштво.

„Вторите екипи на Вардар, Еурофарм Пелистер и Металург, би можеле да го отстапат своето место во Суперлигата за трите најдобри прволигаши од оваа сезона“, завршува Танески.

Според резултатите до прекинот, тоа би било Астраион, КЛ7 и Тиквеш, кои ќе беа и најголеми фаворити во плеј-офот.