КОЈ ДА ИСПАДНЕ ОД СУПЕРЛИГА: Во лето е тешко во сала, здравјето на спортистите е најважно..

Супер машката лига, но и сите други натпреварувања во Македонија се во прекин повеќе од три недели, а со оглед на тоа што одлагањето е на неодредено и понатаму не се знае уште колку време ќе биде потребно за ракометарите да може да се вратат на терен.

Тренерите и играчите се во исчекување на стивнување на бурата со коронавирусот, но засега не оди најдобро и развојот на ситуацијата задава само поголеми проблеми бидејќи колку подолго трае паузата толку ќе биде потешко играчите да се вратат на терен.

„Во ситуацијата каква што е во моментов сметам дека ќе биде тешко да се организира продолжувње на првенството. Бројот на заразени со вирусот продолжува да се зголемува, а тоа значи и дека ќе има малку време. Знаеме преку лето како е да се игра во нашите сали така што во моментов е навистина тешко да се каже која е најдобрата варијанта за најбезболно решение“, вели тренерот на Металург 2, Игор Котевски за 24 Ракомет.

Секој клуб има свое размислување за тоа како треба да биде завршена оваа сезона, а сосема извесно е дека на РФМ ќе биде да одлучи. Како што се развива ситуацијата ќе биде многу потешко.

„Во прв план треба да биде здравјето на ракометарите и на сите коишто се дел од натпреварите. Оттаму не смееме никого да го ставиме во ризик и мораме да ги имаме предвид условите.  Сметам дека треба добро да се размисли. Темава не е едноставна исто како и целата ситуација“.

Вели дека мора да се размисли убаво бидејќи плеј-оф тимовите и оние кои играт во плеј-аут имаат различен тип на ракометари, а ќе биде и различна подготовката и времето за сите да можат да се најдат на терен максимално подготвени. Исто така да се води грижи и за нивното здравје.

„Треба да се направи план што би било ако се создаде ситуација да може да се игра после мај, после јуни, што би било ако оваа ситуација потрае до август.  Меѓутоа мора да го имаме предвид и фактот дека ракометарите ќе бидат без тренинг долго време. Нема да може да се подготват за напорите. Ете дури да се создаде простор за одигрување на средбите и да играме по два во недела ќе биде тешко, ќе има многу повредени играчи“, коментираше Котевски за 24 Ракомет.

Јасно е дека ќе мора да се сослушаат сите клубови при донесувањето на одлуката за довршување на сезоната бидејќи сите клубови ќе имаат свои ставови и размислувања околу тоа. Сепак, прво ќе мора да се почека и да се види каков ќе биде развојот на ситуацијата со коронавирусот.