Коцева: Верувам во пласман во следната фаза, ќе го оставиме срцето на терен!

Женската младинска репрезентација на Македонија ќе биде еден од учесниците на Европското првенство во Романија.

За младинките на Македонија настапот во Романија ќе биде голем предизвик, со оглед на тоа дека се наоѓаат во група со Данска, Чешка и Црна Гора.

Десниот бек Борјана Коцева е оптимист за настапот на младинскиот континентален собир и верува дека Македонија може да обезбеди пласман во следната фаза.

,,Македонија во младинска конкуренција прв пат настапува на вакво првенство и нас ни е чест да ги браниме боите на нашата држава на вакво првенство. Атмосферата и кохезијата во тимот е на високо ниво, тоа придонесува за уште поголеми успеси. Играме во квалитетна група. Данска е вицешампион од Светското првенство, кое се одржуваше во Македонија, тоа ни дава уште поголем поттик да се надигруваме со нив. Веруваме во нашата игра и веруваме дека може да ја поминеме групната фаза и се подготвуваме за тоа. Данска е фаворит во нашата група, но за нас тоа не претставува пречка, бидејќи ние во секој натпревар влегуваме гладни за борба и за успех и секако, со голем мотив”, изјави Коцева.

Членката на Вардар истакна дека настапот на турнирите во Унгарија и Романија бил добредојден за собирање искуство и учење од грешките.

,,Настапите во Унгарија и Романија дефинитивно ни беа потребни и со помош на овие турнири согледавме каде треба уште да се работи и анализира. Исто така, добра страна од настапите на двата турнири е што видовме како е да се игра со големи репрезентации како Унгарија, Романија, Швајцарија, и можам да кажам дека и ние можеме да се носиме со нив. Верувам во нашите цели и способности, на ЕП го оставиме срцето на терен за Македонија”, заврши Коцева.

Првиот ривал на Македонија е Црна Гора, утре од 18:45 часот, додека в петок е мечот со Данска од 16:30. Последната средба од групната фаза се игра в недела од 14:15 часот против Чешка.

Дукоска: Moра да се бориме и да покажеме дека вредиме