Котевски: Ова е сезона за докажување и искуство за младите момци во Металург 2

Екипата на Металург 2 после есенскиот дел од сезоната со седум освоени бодови се наоѓа на 8. позиција во Супер машката лига, па ќе биде навистина тешко бидејќи ќе треба да се одработи многу подобро во вториот дел доколку се сака опстанок во лигата.

Игор Котевски, кој дојде на кормилото на овој тим на почетокот на сезоната после успешното водење на Бутел Скопје во минатиот шампионат вели дека е задоволен од момците од она што го покажаа досега.

„Во оваа сезона екипата на Металург 2 настапува со млади ракометари. Се работи за играчи кои немаат искуство од настап во Супер лигата. Ова е сезона за докажување и за стекнување на искуство. Очекувам голем напредок во вториот дел од сезоната и верувам дека ќе останеме во трка за опстанок во лигата каде ќе биде многу тешко. Главно сум задоволен од играта и од залагањето на момците, но очекува уште повеќе откако ќе стартува вториот дел од шампионатот“, коментираше Котевски за 24 Ракомет.

Тој имаше доста работа бидејќи дел од играчите кои лани играа во Металург 2 сега се во првата екипа.

„За разлика од лани имаше сосема нова бековска тројка. Серафимов, Младеновиќ и Додиќ сега се во првата екипа. Во првиот тим се пресели и Кондев, па имавме многу измени. Затоа не беше лесно во првиот дел од сезоната каде мораше да се уигра една сосема нова екипа, но знам дека ќе биде многу подобро во продолжението“, рече Котевски.

Напролет остануваат уште четири кола од регуларниот дел, а потоа ќе следува плеј-аут играњето за Металург 2 и битката за опстанокот.