Костески: Романија не смее да се потцени, а фаворитската улога да ја докажеме на терен!

Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир пред подготовките за бараж двомечот за СП против селекцијата на Романија.

Десното крило Ненад Костески вели дека Романија не смее да биде потценета бидејќи се работи за квалитетна репрезентација.

„Почнуваме со подготовки за овој бараж, противник ни е Романија, која не смееме да ја потцениме бидејќи станува збор за многу квалитетна репрезентација. Го имаме овој период за да се подготвиме и да ја прикажеме најдобрата игра за да го поминеме овој прв дел од баражот, па чекор по чекор да почнеме да размислуваме за пласман на Светското првенство“, изјави Костески.

Следните денови ќе се прави анализа на играта на Романија, иако дел од играчите се познати од настапите во ЛШ за Динамо Букурешт.

„Ќе гледаме видеа од Романија и ќе анализираме, иако знаеме дел од играчите. Сметам дека ќе се подготвиме добро и ќе се прикажеме во најдобро светло. Во овој бараж ние важиме за фаворити, но секако треба тоа да го докажеме и на терен и нормално се надевам на победа и пласман понатаму“, заврши Костески.

Македонија и Романија првиот меч ќе го играат на 17 март во Скопје, додека реваншот е во Букурешт на 19 март.