Корона може да ги скрои и четврт-финалните двојки во Лигата на шампионите

Пред одигрувањето на средбите од осминафиналето од Лигата на шампионите клубовите се веќе информирани што може да ги чека доколку не успеат да ги одиграат натпреварите до 8 април кога е последниот ден за комплетирање на дуелите.

Истите правила кои важат за Лигата на Европа се актуелни и во Лигата на шампионите. Доколку некој тим пријави позитивни случаи на Ковид 19 тогаш натпреварот нема да биде одигран. Во таков случај ќе треба средбите да бидат одиграни следната седмица на теренот на противникот и тоа во два дена еден по друг или да има ден одмор меѓу натпреварите доколку екипите се договорат за такво нешто.

Во случај поради позитивни случаи со Ковид 19 да не може да се одигра реваншот тогаш без разлика на резултатот од првата средба отпаѓа тимот кој има заразени ракометари.

Дури и во случај некоја земја да ги смени правилата за Ковид 19 и да не дозволува влез на некој тим нема да има можност за помилување или прогледување низ прсти туку тој клуб ќе мора двапати на гости или ќе го загуби двобојот.

Во секој случај терминот за комплетирање на осминафиналните средби е 8 април. Дуелите не може да се одлагаат за после овој датум поради зафатениот календар така што ова е неделата во која ќе мора завршат сите осминафинални обврски.