Контроверзи и хаос на „Добој 2022“ – екипа си замина среде турнир, намерно загубен натпревар, без лајв стрим…

Со победата на ракометарите на Ал Ахли над Загреб, 28-27, беше спуштена завесата на 53.издание на меѓународниот ТВ турнир на шампионите во Добој, кој според оценките на учесниците, но и сите случувања пред и за време на турнирот, беше најслабо организиран досега.

За разлика од Струшкиот турнир, кој добиваше само позитивни оценки од екипите учесници, во Добој не беше така. „Глас Српске“ пишува дека освен финалниот натпревар, се друго било под нивото и традицијата на овој турнир.

Љубителите на ракометот останаа без преноси од натпреварите, иако во името на турнирот стои додавката ТВ. Освен финалето, ниту еден натпревар не беше емитуван на лајв стрим, а камоли на ТВ. Организаторите не се потрудија да обезбедат ниту стрим преку интернет. Прилично беше тешко да се најдат и резултатите од турнирот, ниту на официјалниот сајт на турнирот, ниту на социјалните мрежи.

Меѓутоа тоа се само мали проблеми во однос на оние што ја нарушија регуларноста и угледот на турнирот. Среде турнир од Добој замина словенечкиот првак Целје. Иако се чинеше во прв момент, дека тие постапиле несериозно, сепак потврдено е дека тие го известиле организаторот за ваквиот потег уште кога го прифатиле учеството, односно дека поради обврски кон спонзорот не можат да бидат дел од последниот ден на турнирот. Дури добиле ветување дека натпреварот за пласман ќе може да го одиграат ден порано, но тоа не било направено, па словенечката експедиција решила да си замине и не го одигра дуелот за пласман.

Лесно можеше да се случи по нивниот пат да тргне и Ал Ахли. Тоа ќе беше фијаско бидејќи немаше да се игра мечот за трофеј, но од Ал Ахли ги променија авионските билети за ден подоцна, па можеа да го играат финалето. Посебна приказна е скандалот што го направија ракометарите на Сент Гален, кои наммерно загубија од Татран Прешов, кој пак едвај собра ракометари за да го одигра мечот.

Учесникот на Струшкиот турнир имаше проблеми со корона вирусот, но и покрај тоа „славеа“ против швајцарскиот тим, кој откри дека намерно загубиле за да не играат против грубиот африкански тим.

Откако Целје си замина, беше најавено дека Војводина и Татран Прешов ќе играат за трето место, но словачкиот првак се откажа бидејќи немаше доволно ракометари и си замина дома, па ситуацијата мораше да ја спасува домашната екипа Слога Добој. Од организацијата ниту еднаш не се огласија по повод овие случувања, кои дефинитивно го нарушуваат угледот на еден од најдолговечните турнири во Европа заедно со Струшкиот турнир.