Комплетни и ковид-19 негативни: Симовски ги собра дамите во Маврово!

Женската ракометна репрезентација на Македонија по пауза од скоро десет месеци попладнево во Маврово ја започна работата во рамките од ЕХФ неделата. Селекторот Симе Симовски уште на стартот на располагање ги има сите 18 ракометарки кои се најдоа на списокот.

Сите репрезентативки пред заминувањето за Маврово подлежеа на тестирање за ковид-19 во просториите на Ракометната федерација на Македонија, и сите имаат негативни резултати.

Симовски сега може мирно да ја одработи оваа седмица во која со тимот ќе се посвети на техничко-тактички подготовки, како дел од темпирањето на формата за квалификациите кои во декември ќе се одржат во Македонија.

Македонија од 4 до 6 декември ќе биде домаќин на турнирот на квалификациската група 2 од циклусот за пласман на Светското првенство во Јапонија. Противници ни се Исланд, Литванија и Грција.