Ковид и повреди го „покосија“ ПИК Сегед пред дербито со Веспрем

Во пресрет на унгарското дерби помеѓу двата најголеми ривали, ПИК Сегед и Веспрем, составот на Сегед се соочува со голем број на проблеми во играчкиот кадар. Покрај повредените ракометари дополнително хаос создаде и ситуацијата со Ковид-19 која не ги поштеди дел од ракометарите на клубот.

Од стандардните 16 ракометари на ПИК Сегед во игра за натпреварот в недела ќе бидат само – Роланд Миклер, Мирко Алиловиќ, Дмитри Житников, Дејан Бобмач, Матеј Габер, Јонас Калман и Марио Шоштариќ.

Борут Мачковчек, Бенце Банхиди, Ник Хенигман, Лука Степанчиќ, Станислав Каспарек и Миклош Роста се на листата на повредени ракометари и тие нема да можат да му помогнат на својот тим против Веспрем. Ричар Бодо, Богдан Радивојевиќ, Мартин Страновски и Жоан Кањелас нема да можат да настапат поради позитивните тестови на Ковид-19. Ракометарите се чувствуваат добро и се очекува нивно враќање на терените следната седмица.

Дополнително, Марко Вујин, нема да може да настапи на дуелот со Веспрем и воопшто во унгарскиот шампионат бидејќи е пробиен преодниот рок во Унгарија за регистрирање на нови ракометари.

Јонас Калман и Дмитри Житников во текот на месец ноември беа позитивни на Ковид-19. Поради позитивните случаи во ПИК Сегед беше и одложен натпреварот против Фленсбург во рамките од Лигата на шампионите пред почетокот на месец март.

Во ростерот на ПИК Сегед се очекува во натпреварот против Веспрем своја шанса да имаат ракометарите кои ги играат само натпреварите во домашниот шампионат против послаби екипи.