Клубовите заговараат Лига на шампиони со 24 екипи

Кога има големи европски натпреварувања, дали е тоа првенство или завршница на Ф4 турнири, вообичаено се собираат и најдобрите клубови кои се дел од Форумот на клубовите. Во него членуваат три македонски тима, Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер. Нивните претставници викендов беа во Будимпешта каде повторно разговараа за теми што нив ги засегаат, и се обидуваат нивните забелешки и предлози полесно да стигнат до раководните луѓе на ЕХФ.

Една од темите за кои станало збор е во иднина да има машка Лига на шампиони во која наместо сегашните 16 екипи ќе играат 24 тимови. Зголемување сакаат да има и кај Лига Европа, каде таа бројка на квалитетни тимови би се зголемила на 32 тима, од сегашните 24. Истовремено, повторно се разговара и за можноста натпреварите да се играат преку викенд, а не преку работна недела.

Сепак, ова се само предлози и размислувања на дел од клубовите, кои биле гласно споделени. Сегашниот систем на играње од две групи по 8 екипи во ЛШ, сигурно ќе остане уште една сезона, бидејќи е дел од еден тригодишен циклус. Кога ќе дојде крајот на тој циклус ќе се разговара дали истиот е добар или ќе претрпи промени.

Со евентулното зголемување на бројот на екипи, би се укинало играњето квалификации. Така повеќе квалитетни екипи од иста земја би можеле да добијат право да играат, наместо досегашниот систем на „вајлдкарта“ која се добива по исполнување на строги критериуми.

Засега сево ова е само во фаза на размислување, но клубовите би поддржале ваква идеја и проширување. Останува да се види дали и ЕХФ би се сложил со тоа, заедно со нивните партнери кои од лани почнаа да им плаќаат на клубовите што играат во ЛШ и ЛЕ, за секој гостински натпревар и за секој освоен бод. Така, барем играњето во гости, патувањата би биле покриени финансиски, а од настапот и освоените бодови може и добро да се заработи, барем за ракометни услови.

Македонија засега има загарантирано место во ЛШ, но за две сезони веројатно нашите тимови ќе треба да играат квалификации или да бараат „вајлд карта“. Истото е и во Лига Европа, па затоа евентуалното менување на системот сигурно би им одговарало на нашите екипи.