Кичево се врати од минус девет, но во финишот потклекна пред Драчево

Еден од тимовите кои се борат за пласман во Супер лигата, Драчево денес славеше на незгодното гостување во Кичево кај истоимената екипа со 29:26.

Гостите натпреварот во спортската сала „Јанчица“ го стартуваа фуриозно, односно со шест гола во серија за водство од 6:0. Кичево преку Шипинкоски, кој единствено отскокнуваше во таборот на домаќините, се обидуваше да го поправи лошиот старт, но одредените блесоци на десниот бек не беа доволни за камбек во дуелот.

Драчево во првото полувреме доминираше на теренот, разигран беше еден од најдобрите стрелци Дука и предноста на гостите во одредени моменти во првите 30 минути изнесуваше осум до девет гола разлика. Токму во финишот од првиот дел, тимот на Драчево направи поубедлива разлика и на полувреме замина со водство од 18:9.

Домаќините во продолжението полека ја топеа предноста на гостите. Ракометарите на Настески имаа голем пад во играта и по водството од 23:20, дозволија домаќините да се вратат во игра израмнувајќи на 23:23. На домашната серија возврати и госитнот со три гола во низа и поведе со 26:23.

Во тој момент беше скршен отпорот на упорниот домаќинот кој до крајот не успеа да се доближи на еден гол дефицит. Драчево одигра на ниво во клучните моменти, но доколку не се консолидираше во последните десет минути, можеше да остане без бодови.

Најефикасен на теренот беше членот на Кичево, Никола Шипинкоски со 13 погодоци. Драчево во победата беше предводен од Ѓорѓи Дука, постигна 12 погодоци во мрежата на домашниот табор.