Кичево со сигурен триумф против Шампион

Ракометарите на Кичево во натпревар од 11. коло од Првата лига на свој терен славеа против Шампион со шест гола разлика, 31:25.

Составот на Кичево со освоената победа останува во игра за пласман во плеј-оф фазата, додека Шампион, кој моментално има само една победа ги загуби сите шанси за евентуален напредок на табелата во групата А.

Избраниците на Сарџоски имаа фуризен старт и во воведниот дел поведоа со 6:0. Гостите од Скопје првиот гол го постигнаа дури во 10 минута, врзаа уште пет во низа и дојдоа до изедначување на резултатот, 6:6.

Кичево по одличниот почеток влезе во криза, уште во неколку наврати беше во водство и по нерешените 8:8, гостите го презедоа водството откако поведоа со 9:8. До крајот на првото полувреме имаше голема борба за секоја топка, а на пауза резултатот гласеше 15:14 за Кичево.

Домаќините како што го започнаа првиот дел, во ист ритам го отворија и вториот дел. Тимот на Шампион сѐ почесто грешеше во нападите и во последниот период Кичево посериозно се одлепи, започна да ги казнува грешките на гостинот и успеа да го запише шестиот триумф во новата натпреварувачка сезона.