Кицеска ќе го брани голот на Ѓорче Петров, Велкова го продолжи договорот

Екипата на Ѓорче Петров за новата сезона е решена да создаде квалитетен тим за една од првите четири позиции на табелата.

Ново засилување во Ѓорче Петров е голманката Слободанка Кицеска од Чаир. Кицеска важи за една од подобрите голманки во Македонија која прикажува солидни партии меѓу стативите и со нејзиниот ангажман, Ѓорче Петров ќе добие квалитетен чувар на мрежата.

Младата голманка по неуспешните преговори со Чаир, се реши да ја прифати понудата од Ѓорче Петров.

„Причината за доаѓањето во Ѓорче Петров, првично беше тоа што не успеавме да најдеме заеднички јазик и решение за условите и понатамошна соработка со Чаир. Ме исконтактираа од Ѓорче Петров, ми се допадна целиот проект и амбициите на клубот, поради тоа и одлучив од оваа сезона да бидам дел од Ѓорче. Очекувам стартот во новата сезона да го започнеме со добра форма. Како што кажав, амбициите се големи, се работи за сериозен проект, како екипа секако дека имаме потенцијал. Со добра и напорна работа се надеваме на висок пласман во домашното првенство и обезбедување место во Европа“, изјави Кицеска за 24 Ракомет.

Во својата кариера, Кицеска имаше и репрезентативни настапи за младинската репрезентација на Македонија. Освен за Чаир, настапуваше и за Вардар и Стружанка.

Покрај Кицеска, Ѓорче Петров го продолжи договорот со Ања Велкова. Младата ракометарка беше една од носителите на играта во изминатата сезона, причина поради која и беше понуден нов договор.

„Ѓорче Петров ми пружи одлични услови за да си ја повторам својата форма и да го надоградувам искуството што го имам стекнато до овој момент. Задоволство ми е да работам со тренерите на овој клуб, посветени се максимално за напредок на секој играч како индивидуа и за екипата како колектив. Со поголемиот дел од екипата имам играно и во други клубови и репрезентација, мислам дека одлично ќе се склопиме. Нашите амбиции се да влеземе, односно обезбедиме место на европска сцена. Со напорна работа и малку среќа, верувам дека ќе имаме одличен пласман во новата сезона“, изјави Велкова за 24 Ракомет.

За новата сезона, Ѓорче Петров ги ангажираше двете сениорски репрезентативки, Симона Стојановска и Анастасија Николовска, како и Ана Марија Коларовска, Марија Николовска, Симона Василева и Сања Цветковска.