Кил е нов европски првак – ја „збриша“ фаворизираната Барселона

После шест години Германија има освојувач на Лигата на шампионите откако денеска составот на Кил успеа да ја совлада Барселона со 33:28 откако дојде до целосно надигрување. Филип Јиха му одржа лекција на својот учител од Барса, Чави Пасквал и успеа после сезона и пол на клупата на Кил да му донесе титула во ЛШ на својот клуб.

Ова беше натпревар во кој Кил доминираше иако синоќа ракометарите одиграа 70 минути против Веспрем во битката за пласман во финалето.

Од првата минута на средбата се виде дека двете екипи се максимално мотивирани. Се влезе во игра во која нападите траеја максимум 30 секунди иако некои завршуваа после само две додавања. Имаше брза реализација и тоа носеше возбудувања на теренот кои ги имаше и на едната и на другата страна.

Кил успеа прв да зададе удар и да кани некоја од грешките на Каталоцните.  Пекелер, Сагосен и Екберг успеаја да најават интересна средба и донесоа рано плус два. Веќе во 8. минута беше 6:4, а овие два гола се зачувуваа без проблеми. Дика Мем беше главниот адут на Барса во овој дел, но не можеше сам во првите 15 минути.

Од 15. до 18. минута имаше мала криза во Барселона, па тоа „зебрите“ го искористија за да поведат со четири гола разлика и да имаат 13:9. Сепак, тогаш Мем доби поддршка од колегите и за 3-4 минути веќе беше 13:12, па се врати неизвесноста.

Во 26. минута беше обезбеден нерешен резултат од 15:15, а потоа составот на Кил влезе во завршниот дел од првото полувреме на максимум и на одмор успеа да замине со 19:16.

Од почетокот на второто полувреме се виде многу посмирена игра од ракометарите на Кил. Знаеја како во секој момент да ја задржат контролата на натпреварот и да бидат во предност. Обидите на Барселона да се врати во натпреварот некако не даваа резултат.

Очигледно ученикот одлично ја имаше прочитано играта на својот учител. Филип Јиха добро ги водеше момците од Кил против својот поранешен тренер, Чави Пасквал и во секој момент знаеше што сака. Многу вешто се користеше и најмалиот оставен простор така што се чуваше предноста. На сето тоа се надоврза и Ландин со неколку фантастични интервенции така што сето тоа влијеше на резултатот.

Предноста на Кил се движеше од три до пет гола, а составот кој сезонава нема пораз не знаеше како против „зебрите“. Пасквал немаше идеја и тоа се гледаше на теренот. Ја губеше битката против Јиха и како наближуваше крајот стануваше јасно дека ќе нема простор за пресврт.

Барселона како да тргна на сè или ништо во 53. минута кога намали прво на 28:25. Се чини дека веќе доцнеа бидејќи предногу ризикуваа и во таквата игра и губеа топки што резултираше со лесни примени погодоци. Сето тоа овозможи Кил да има контрола на играта. Имаа помош бидејќи играчите на Барселона промашуваа, па на тој начин немаше ништо друго освен да потпишат капитулација.

КИЛ – БАРСЕЛОНА         33:28 (19:16)

Сала: Ланксес Арена во Келн. Судии: Матија Губица и Борис Милошевиќ од Хрватска. Делегати: Драган Начевски од Македонија и Виктор Поладенко од Русија.

КИЛ: Ландин (14 одб.), Квенштедт, Ериг, Дувњак 0/2, Сагосен 7/11, Рајнкинд 1/5, Зунефелдт, Вајнхолд 5/7, Винцек 2/3, Екберг 8/10, Бенитез, Вегер, Дамке 5/6, Зарабец 1/3, Фојгт, Пекелер 4/5

Седмерци: 6/6, Исклучувања: 10 мин.

БАРСЕЛОНА: Перез де Варгас (10 одб.),  Мелер (1 одб.), Ентрериос 1/2, Сораиндо, Доленец 0/1, Арињо 4/6, Јанц 0/2, Н’Гесан 1/2, Гомез Абељо 10/12, Дос Сантос 1/1, Мем 4/7, Циндриќ 3/4, Паскал Гарсија, Палмарсон 1/5, Фабрегас 3/4, Фраде

Седмерци: 5/7, Исклучувања: 8 мин.