Келце ќе го пречека Вардар пред полна сала – со слики од навивачи! (ФОТО)

Раководството на полскиот шампион и новиот спонзор „Ломза“ организираат акција за своите навивачи кои барем виртуелно, односно со своја слика би присуствувале на натпрeварот од Лигата на шампионите против Вардар.

Луѓето од клубот и спонзорот ги охрабруваат навивачите да испраќаат свои фотографии кои во вид на картонски фигури ќе бидат поставени во салата на местата за публиката.

„Некој ќе каже во вакво време може да се навикнете да играте пред празни трибини, но не можете. Отсекогаш сум играл и ќе продолжам да играм за навивачите. Прво и основно спортот се игра за нив, сега натпреварите изгледаат навистина тажно. Ни недостасуваат гледачите кои секогаш ни даваат максимална поддршка. Се радувам за нивното враќање“, изјави Криштоф Лијевски за sportowefakty.wp.pl.

Долго време навивачите натпреварите ги гледаат само на ТВ, сега Келце се обидува да направи нешто ново и невообичаено. Оваа акција траеше до денеска, а своите фотографии можат да ги испраќаат сите полнолетни граѓани на Полска.

Навивачите можат да го наведат и местото и бројот на седиштето каде што би сакале да биде поставена нивната фотографија. Освен тоа можат да бираат машка или женска силуета. Натпреварот меѓу Келце и Вардар се игра на 25 ноември од 20:45 часот.