Келце со пресврт го совлада Кил, го чека Целје или Загреб во осминафиналето

Келце и Кил одиграа интересен натпревар во последното коло од групната фаза од Лигата на шампионите. Дуелот кој на Кил не му значеше ништо бидејќи ја имаше обезбедено првата позиција, а на Келце му беше потребна победа да го задржи третото место заврши со триумф на домаќинот од 32:30 со пресврт во последните минути.

Во првото полувреме и двете екипи имаа свои добри моменти и периоди во кои имаа водство. Гостите подобро се снајдоа во завршницата и обезбедија предност пред продолжението. На полувреме Кил имаше водство 18:16. Второто полувреме подобро го започна Кил и стигна до четири предност, но и тоа до крајот не беше доволно за победа. Во последните две минути се влезе до нерешени 30:30, а Јахлевски и Карачиќ погодија и му донесоа победа на Келце.

Еден од најзаслужните за победата беше Андреас Вулф со 15 интервенции меѓу кои и неколку во завршните минути кога се одлучуваше победникот. Најефикасен во тимот на Келце беше Алекс Душебаев со шест гола, а Фернандез постигна пет. Во тимот на Кил најпрецизен беше Екберг со осум гола, додека Нилсон стрелаше седум пати.