Келце со импресивна партија: Му одржа лекција на Нант и му даде 40 гола!

Европскиот вицепрвак Келце имаше успешен старт во новата сезона од Лигата на шампионите, откако на домашен терен тимот на Талант Душебаев славеше над францускиот Нант со 40-33.

Иако голманите на двете екипи запреа десет удари во првото полувреме, се играше како да нема одбрана. Карачиќ, Сичко на два пати и Наи погодија за 4-0 и најавија дека бодовите остануваат дома.

Беше и 9-3, но гостите Нант полека се враќаа во игра и ја намалија негативата на минус два. Сепак повторно попушти нивната концентрација во финишот на полувреме и на пауза се замина со водство на Келце, 23-18.

Каралек и Наи со два гола го донесоа полскиот првак на плус осум, 26-18 и тоа беше клучот за триумфот. Нант колку и да се трудеше не можеше против расположените домаќини, а згора на тоа и Вулф имаше одличен втор дел. До крајот само се броеја головите до конечни 40-33.

Сите ракометари од домашниот тим освен голманите и Олејничак се запишаа во листата на стрелци, а најдобар беше Турна со шест гола, додека Карачиќ, Морито и Сичко дадоа по пет погодоци. Кај Нант, најдобар стрелец беше Мин со девет гола.