Келце го чекаат тешки денови, ќе остане без најдобрите ракометари?!

Полскиот портал „Спортове Факти“ во текот на вчерашниот објави статија во која ја опишува лошата финансиска ситуација на шампионот Келце. Поради пандемијата со коронавирусот, играчите во тимот на Душебаев деновиве добиле информација за големо кратење на платите, иако процентот не беше познат. Но полскиот медиум пишува дека кризата само што почна и дека тешки денови се пред Келце.

Натпреварите од осминафиналето и четвртфиналето на Лигата на шампионите се пред откажување, но дури и да се играат тоа ќе биде без гледачи, па касата на Келце нема да се пополни ниту со пари од билетите. Сопственикот Бертус Сервас е во постојана потрага по големи спонзори, но не успева во тоа, па се обидува со помали спонзори, да го одржи клубот во живот.

Главниот спонзор ВИВЕ, компанија што се занимава со продажба на веќе носена гардероба (Second hand), има големи проблеми. Сите продавници низ Полска се затворени и нема заработка, па вработените во компанија не можат да добијат плата, а потоа компанијата не може да ги обезбеди финансиите ниту за клубот.

Полјаците пишуваат дека до крајот на оваа седмица ќе има повеќе детали, но уверуваат дека кратење на платите на сите играчи ќе им биде понудено како опција, а најдобрите би можеле да добијат и раскин на договор на штета на клубот. Наводно, Игор Карачиќ и Артем Каралек веќе добиле неколку понуди за трансфер. Сервас за медиумите најавил дека ќе разговара поединечно со сите играчи, па потоа ќе се знае детално за ситуацијата во Келце.