Келце го сруши Веспрем, ќе се бори за трофејот во ЛШ!

Тимот на Келце е првиот финалист во Лигата на шампионите, откако во полуфиналниот двобој во „Ланксес Арена“ во Келн славеше против унгарскиот Веспрем со 35-37. Унгарскиот тим и понатаму ќе остане без долго посакуваната титула и неговите навивачи ќе мора уште една сезона да чекаат за нова шанса.

Гол за гол се играше до 5-5, пред Лауге и Мае да погодат за плус два за Веспрем, 7-5 по десетина минути игра. Коралес одбрани два удари на Келце, во нападот погодија Ненадиќ и Штрлек, па Веспрем беше и на плус три, 14-11.

Во последната минута од првото полувреме се влезе со резултат, 17-14, но по тајм-аутот на Душебаев, Турна на пет секунди до крајот намали на 17-15. Лауге погоди на спротивната страна на празен гол, но судиите не го признаа погодокот кој беше по истекот на времето.

На стартот на второто полувреме, Келце набрзина израмни на 18-18 со двата гола на Дани Душебаев. По еден старт над Вујовиќ, црвен картон заработи Благотиншек, па Веспрем мораше да продолжи без столбот на одбраната.

Унгарскиот тим водеше со 20-19, но потоа имаше криза во нападот, па Келце казни со серија од четири гола за 20-23. Постот на Веспрем од шест минути без гол го прекина Маргуч, но неговите соиграчи направија уште две грешки и веќе беше 21-25, па Илиќ мораше да бара тајм-аут.

Немаа многу решенија избраниците на Илиќ, па Келце лесно ја одржуваше предноста од три или четири гола. На десетина минути до крајот сепак Веспрем успеа да намали на минус два, 27-29 и да најави интересен финиш.

Беше 29-31, пред Карачиќ еден безидеен напад на Келце да претвории во гол за 29-32, но и Лауге набрзина врати на спротивната страна. Некогашниот вардарец уште еднаш реализираше, а беше казнета новата грешка на Веспрем преку Дани Душебаев и пак Келце имаше безбедни четири плус, 30-34.

На пет минути до крај беше 31-35, но Веспрем намали на 33-35 на две минути до крајот. Келце одеше на долг напад и реализираше Морито за 33-36 па веќе немаше време за Веспрем. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Морито со седум и Карачиќ со пет погодоци, додека кај Веспрем се истакна Штрлек со седум, како и Ненадиќ и Лауге со по шест гола. Ривал на Келце во големото финале ќе биде победникот од дуелот меѓу Барселона и Кил.