Кашпарек: Се уште боли поразот од Македонија, бевме фаворити…

Репрезентацијата на Македонија се пласираше на Светското првенство кое ќе се игра на почетокот на 2023 година во јануари. Во баражот прво ги елиминиравме Романците, а потоа Чесите.

Чешка можеби и самата се сметаше за фаворит во финалниот бараж, но на крајот Македонија беше подобра во двомечот и го обезбеди билетот за ново големо натпреварување. Поразот од Македонија на сите во Чешка тешко им падна, а дека е така потврдува и последната изјава на корпулентниот Станислав Кашпарек.

Новиот ракометар на Динамо Букурешт, во интервју за сајтот на чешката федерација, покрај за трансферот во Романија, говореше и за националниот тим и призна дека поразот од Македонија и неуспехот во баражот се уште ги боли.

„Боли поразот од Македонија, се уште е свежа елиминацијата. Бевме фаворити, имавме голема желба да се пласираме на Мундијалот и повторно да донесеме напредок за чешкиот ракомет. За жал не успеавме“, изјави Кашпарек.

Инаку, Чешка после елиминацијата се обидува до Светското првенство да стигне со вајлд-карта, тие се една од репрезентациите кои веќе испратија такво барање до ИХФ.

Македонија ги елиминираше, сега бараат вајлд-карта за Мундијалот!