Кастратовиќ за 24 Ракомет: Ни треба квалитетна анализа, од поразот од Охрид мораме да научиме

Екипата на Металург во средата го претрпе првиот пораз сезонава во Супер машката лига. Тимот кој освои бод во Автокоманда сега дојде до победа против Металург, па Охрид е најнезгодниот ривал за „металурзите“ сезонава.

Сепак, работите на теренот беа поинакви и Металург во добар дел имаше контрола. Меѓутоа, кога најмногу требаше попушти концентрацијата и тогаш дојдоа моментите на голманот Даниловски кој девет минути ги остави без гол своите поранешни соиграчи.

„Охрид поведе од старт и имаше водство во еден дел од првото полувреме. Сепак, ние го имавме водството на полувреме и во голема мера го контролиравме натпреварот. Имавме и три гола разлика во второто полувреме и напад за да дојдеме до четири. Сè беше како што треба, но девет минути останавме без погодок откако се разбрани Даниловски. Тој беше на ниво и успеа да одбрани тешки шутеви. Игравме против цврста екипа која заслужува честитки за победата. Ние немавме загубено, а сега ни следува квалитетна анализа. Мора да ги најдеме грешките и да видиме каде се нашите недостатоци и во плеј-офот да влеземе максимално подготвени. Мораме да бидеме мобилни и да ги поправиме грешките“, изјави Кастратовиќ за 24 Ракомет.

Поради Корона вирусот првенството е одложено две недели така што регуларниот дел нема да може да финишира во предвидениот период.

На Металург му остана уште натпреварот против Радовиш на домашен терен.