Кастамону со 11-ти пораз, ниту новиот тренер не можеше да го спаси тимот

Шампионот на Турција, Кастамону, во кој настапува поранешната ракометарка на Вардар, Јованка Радичевиќ, претрпе нов пораз во Лигата на шампионите откако на домашен терен загуби од Савехоф со 26:29.

На овој натпревар екипата на Кастамону беше предводена од новиот тренер, Хакан Гунал. Сепак, ни обидот на Гунал да и помогне на екипата не вроди со плод, па така турскиот претставник го запиша единаесеттиот пораз во деби-учеството во Лигата на шампионите.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката на Савехоф, Ане Толструп со седум гола. Во Кастамону стандардно најефикасна беше Јованка Радичевиќ со шест погодоци од десет обиди.

Во рамките од 10. коло победа остварија и екипите на Есбјерг и Брест Бретањ. Есбјерг на свој терен ја декласираше Подравка со 30:17 и со новите освоени бодови се зацврсти на првата позиција на табелата во Групата А. Солберг беше најефикасна во составот на Есбјерг со седум погодоци. Листата на стрелци кај екипата од Копривница ја предводеше Ирина Стелмак со пет гола.

Француски Брест беше подобар од унгарскиот шампион, ФТЦ Раил Карго со пет гола разлика, 30:25. Најдобрата партија во својата кариера ја одигра повремената репрезентативка на Норвешка, Хелена Гигстад Фауске, која беше предводник во победничката екипа со 13 погодоци. Во екипата од Унгарија се истакна Ангела Малештајн со десет погодоци кои беа недоволни за поволен резултат.