Карачиќ: Никогаш не е лесно со Вардар

Европскиот шампион Вардар вечерва му гостува на полскиот Келце и ќе се обиде да се одмазди за поразот во Скопје.

Македонскиот тим досега пет пати гостувал кај Келце и пет пати бил поразен, но традициите постојат за да се рушат.

Еден од лидерите на Келце е некогашниот вардарец Игор Карачиќ, кој вели дека ужива во секој ден поминат во Полска.

„Уживам во секој ден поминат овде. Имаме одлична атмосфера во клубот и се поддржуваме еден со друг. Тоа многу кажува за Келце и за тоа колку среќен сум овде. Среќен сум за одличниот старт на сезоната. Живееме во време на предизвици и не е лесно секогаш да имаме нормални тренинзи во вакво време. Среќни сме што сите сме здрави и подготвени за натпреварите“, вели Карачиќ.

32-Годишниот Хрват е во ТОП 5 листата на стрелци во елитното натпреварување и има постигнато 34 голови.

„Задоволен сум од играта на мојот тим, сите даваме по 100% на теренот, се трудиме да ги исполниме барањата на тренерот бидејќи тоа е најважно. Целта е да го задржиме тоа ниво“, продолжува Карачиќ.

Плејмејкерот вели дека против Вардар никогаш не е лесно.

„Вардар никогаш не е лесен ривал. Мора да бидете концентрирани 60 минути против нив. Келце има подобар ростер во моментов и тоа е нашата предност. Минатата сезона натпреварот во Скопје беше премногу емоционален за мене и фановите ми приредија најубав пречек. Оваа сезона беше различно бидејќи немаше фанови на трибините и тоа му даде поинаква перспектива на мечот. Но секогаш е убаво да ги видиш старите пријатели и да зборуваш со нив“, завршува Карачиќ.

Натпреварот меѓу Келце и Вардар се игра вечерва со почеток во 20:45 часот во салата „Легионово“.