Капитенот на Еурофарм Пелистер во пензија: Михаил Петровски ја заврши кариерата!

Од следната сезона тимот на Еурофарм Пелистер нема да смета на услугите на капитенот Михаил Петровски, откако десниот бек реши да ја заврши кариерата на 36 години.

Тој ја започна кариерата во Пелистер со кој дебитираше и во Лигата на шампионите, а во сезоната 2006/07 беше дел од романската Констанца, со која исто така играше во најелитната европска конкуренција. Потоа две сезони настапуваше за данските екипи Архус и Рингстед, пред да одигра една полусезона и во составот на Вардар, кој тогаш играше во ЛШ против Адемар Леон, Барселона, Кил, Колдинг и Амичитија Цирих.

Следуваше камбек во Битола и во матичниот клуб каде одигра две сезони, пред да се реши за нова етапа од интернационалната кариера. Беше дел од Ал Калеј од Саудиска Арабија и францускиот второлигаш Валанс. Три сезони Петровски со успех ги носеше и дресовите на унгарските тимови Балатонфуреди и Дабас, пред да се реши за враќање во Македонија и потпиша договор со Еурофарм Пелистер. Играше во Челинџ Купот, ЕХФ Купот и во Лигата на шампионите за битолчани, по што реши да ја заврши кариерата.

Десниот бек имаше настапи и за сениорската репрезентација на Македонија на пријателски натпревари во времето кога селектори беа Љупчо Савевски, Звонко Шундовски и Зоран Тута Живковиќ. Еурофарм Пелистер веќе најде замена за Петровски во хрватскиот младински репрезентативец Матео Мараш, кој заедно со Невен Стјепановиќ и Мартин Велковски ќе ја сочинува тројката  на десната бековска позиција.

Дали леворакиот бомбардер ќе остане во клубот со друга функција и дали ќе остане во ракометот воопшто, останува да видиме во иднина.